Проектот „Гласот на Ѕвездите“ ја разгоре креативната искра кај над 120 ученици од основните училишта во општина Кисела Вода, деца кои ја чувствуваат љубовта кон музиката, актерството и танцот, и кои сонот за сцена го носат длабоко во себе. Проектот е резултат на визијата на Сашо Пандилов, основач и визионер на здружението „Незапирливи“, и Сашо Илиев, негов претседател. Како родители на талентирани деца кои беа дел од настапите и техничката поддршка, тие ја препознаа потребата да создадат иницијатива која ќе обезбеди средина за развој, насочување и градење здрави вредности. Нивната загриженост за растењето на младите во време на негативни влијанија доведе до создавање на здружението и методологијата „Незапирливи“ – модел што ги води сите проекти и активности, со цел истакнување на силните страни и потенцијалот на децата.
Во реализацијата на проектот учествуваа наставници кои имаа улога и на ментори, како и родители кои ја дадоа најсилната поддршка зад секој настап. Проектот беше поддржан од секторот за култура и образование на општина Кисела Вода, а своја поддршка дадоа и приватните компании Бентен Пан ДОО, Соко Горица ДООЕЛ, АД Европа Скопје и Вива. Главната идеја беше едноставна: талентот не расте сам – потребна му е средина што верува во него и му дава шанса да блеска. Преку двете тематски работилници, одржани на 27 и 28 октомври, учениците одблиску ги слушнаа искуствата на истакнати македонски уметници. Музичарите Игор Џамбазов, Давор Јордановски, Марио Јелиќ–Кун и Антонио Стојановски – Тонито од 2 Бона говореа за дисциплината и упорноста зад успехот, а глумицата Весна Петрушевска со својата школа и младата пејачка и глумица Јована Лалчевска заедно со школата за мјузикли “Broadway JR.” им ги доближија техниките, предизвиците и првите чекори во актерството и танцот.





На 14 ноември, во Домот на култура „Билјана Беличанец“, повеќе од 120 ученици ја почувствуваа силата на вистинската сцена. Тие свиреа, играа и глумеа со самодоверба и енергија пред преполната сала, додека публиката – родители, наставници и другарчиња – со гордост ги следеше. Во програмата беше претставена и методологијата „Незапирливи“ преку дијалог и кратки драмски сцени на двајца модератори, кои ги доловија сите нејзини најважни елементи и ја доближија суштината на пристапот до целата публика. Настанот дополнително го збогатија и младите волонтери – ученици од училиштата во општина Кисела Вода – кои формираа функционален организациски тим и стекнаа непроценливо искуство од учество во вакви манифестации.
Тој ден, учениците не само што покажаа што умеат, туку и почувствуваа што значи поддршка, охрабрување и препознавање на трудот. За многумина, ова беше прв вистински допир со сцената, момент што може да им го одреди патот во иднина. Ваквите позитивни примери, кои ја слават посветеноста и талентот, се моќна алатка против булингот – тие го пренасочуваат вниманието од негативните појави кон вредностите што навистина треба да се следат. Така се гради училишна средина во која успехот, трудот и доброто однесување стануваат модел што ги инспирира сите деца да бидат подобра верзија од себе.












