„Патот до успехот 2“: работилници со стручните служби и наставниците
Со поддршка на Општина Кисела Вода, Здружението „Незапирливи“ го реализираше вториот циклус на проектот „Патот до успехот“. Од 24 до 29 септември 2026 година одржавме осум работилници во четири основни училишта во Општина Кисела Вода, со вкупно 78 учесници од стручните служби и наставниот кадар.
Двостепен пристап
Прво одржавме работилница само со стручните служби (психолози, педагози и специјални едукатори), кои имаат улога на водичи во процесот. Потоа следеше заедничка работилница со наставниците, на која разговаравме за поделбата на улогите во поддршката на децата.
Секој ден работевме во едно училиште, во две сесии: првата со стручните служби на тема „Методологии за рана поддршка на талентираните ученици“, а втората заедничка, со наставниците, на тема „Како наставниците да работат со талентираните ученици во наставниот процес“.
За што разговаравме
Работилниците ги отворивме со визијата и вредностите на „Незапирливи“ и со видео од настапите на талентираните деца на манифестацијата „Караван на талентот“. Потоа со учесниците разговаравме за моменталната состојба во нивното училиште: секциите, дополнителните часови и ангажманот на талентираните деца. Како да се искористи тој потенцијал да им се овозможи на децата дополнително да работат во насока на надградба на нивните таленти, а воедно да бидат во училишниот амбиент и училиштето да стане почвата за напредок на децата во и вон часовите.
Ги претставивме шесте воочени обрасци во развојот на талентот: препознавање и откривање, надградување со учење, рана примена, мајсторство, менторство и влијание, и лидерство. Обрасците ги претставивме како помош за наставниците при препознавањето, а не како етикета за детето.
Заеднички разговаравме и за една можна цел: по три до пет лидери во генерација по секоја област (музика, спорт, глума, македонски јазик, природни науки) и Совет на лидери во училиштето, со поддршка од стручната служба, наставниците и директорот.
Резултати
Реализирани се сите планирани работилници: четири училишта, осум сесии и 78 учесници. Заедно со првиот циклус, модулот досега го поминаа осум основни училишта во Општина Кисела Вода. Издадени се 78 потврди за учество, а на четирите училишта им се доделени благодарници.
Стручните служби и наставниците добија заедничка рамка и заеднички јазик за препознавање и поддршка на талентираните ученици. Соработката продолжува: врз основа на овие средби, училиштата се поканети да ги вклучат своите ученици во проектот „Гласот на Ѕвездите 2026“.
Проектот има пилот-карактер. Ефектите од примената во секојдневната работа со децата ќе ги следиме заедно со училиштата во наредниот период.
Со искрена благодарност до Општина Кисела Вода за довербата и поддршката, и до сите стручни служби и наставници за нивното учество и посветеност.