Вториот дел од проектот „Патот кон успехот“ беше реализиран во две фази и ги опфати четирите основни училишта ООУ „Круме Кепески“, ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, ООУ „Кузман Шапкарев“ и ООУ „Климент Охридски“ во општина Кисела Вода. Првата фаза од проектот опфати заедничка работилница со стручните служби од сите четири училишта, која се одржа на 25 септември во просториите на ООУ „Круме Кепески“. Втората фаза продолжи со реализација на четири одвоени работилници со наставниците во секое од училиштата, со цел продлабочување на знаењата и обезбедување практична поддршка во разбирањето на Методологијата на Незапирливи. Овие активности се реализираа во периодот од 1 до 7 октомври.

Реализацијата на втората работилница во рамки на проектот „Патот до Успехот“ во општина Кисела Вода претставува значаен чекор кон подобрување на пристапот за рано препознавање и развој на таленти кај учениците. Наставниците и стручните служби активно се вклучија во процесот, запознавајќи се подетално со Методологијата на Незапирливи – пристап кој го става детето, неговиот потенцијал и неговите индивидуални дарби во центарот на развојните процеси. Овој метод, поткрепен со научни истражувања и реални примери, ја покажа важноста на навременото идентификување на талентот и неговото правилно насочување уште во најраната возраст.
Во текот на работилницата се отворија важни дискусии и се поттикна размена на практични искуства меѓу наставниците од различни одделенија и предметни области. Преку интерактивните сесии, учесниците добија можност не само да ги продлабочат своите знаења, туку и да креираат заеднички насоки за примена на методологијата во секојдневната работа со учениците. Работилницата овозможи појасна слика за тоа како талентот може да се развива преку поддршка, охрабрување и соодветни активности, со што учениците можат да се насочат кон личен успех и позитивно влијание во училиштето и заедницата.






